Како да добиете работа без работно искуство?
Ви треба работа за да стекнете работно искуство, но потребно ви е работно искуство за да најдете работа.
Штотуку ја започнувате вашата кариера или сакате да ја промените позицијата па дури и индустријата во која работите, но се чувствувате ограничено од недостигот на (претходно) работно искуство?
Работодавачите исто така посочуваат на тоа дека на младите луѓе често им недостигаат и вештини за себепромоција што исто така значи дека не знаат да состават резиме кое ќе се истакнува ниту пак како да се покажат добро на интервју за работа.
И покрај сето ова, ако во потрагата за работа или за промена на работа пристапите со правилна стратегија тогаш можете да ги употребите вашите способности и вештини да им покажете на работодавачите дека вие сте вистинската личност за работната позиција, без разлика на претходното работно искуство.
Пазарот на труд знае да е тежок особено за младите луѓе без (многу) работно искуство, но сепак следниве чекори би можеле да ја олеснат потрагата по работа.
1. Приспобете го резимето (CV) за секоја работна позиција
Кога аплицирате за работна позиција без работно искуство обрнете внимание на описот на работната позиција и дознајте кои вештини и особини работодавачот ги бара. Наместо работно искуство, размислете кои курсеви што сте ги завршиле, проекти кои сте ги сработиле, волонтерско искуство, практикантска работа која сте ја работеле може да ви помогне за конкретната работна позиција на која сакате да аплицирате.
Иако правејќи го ова изгледа дека аплицирањето за работна позиција ќе трае многу подолго, сепак сигурно би биле многу позадоволни доколку аплицирате на 20 работни позиции и добиете одговор од 5 работодавачи, отколку да аплицирате за 100 работни позиции а да добиете одговор од само еден.
2. Посетувајте нови курсеви
Додека сте во потрага по работа, запишувањето нови курсеви и стекнување со сертификати ќе го збогати вашето резиме и покрај тоа што немате претходно работно искуство.
3. Истакнете го искуството кое одговара на друга работна позиција
Доколку менувате работна позиција, или кариера, искористете го досегашното работно искуство за да го покажете вашиот потенцијал за новата работна позиција. Односно, наведете ги вештините кои сте ги стекнале на досегашната работна позиција а кои би биле релевантни за новата работна позиција.
4. Нагласете ги „меките“ вештини
Кога менувате работа/кариера вашите „меки“ вештини се особено важни. Во „меки“ вештини спаѓаат вештини кои се особено важни за работата да биде добро сработена, иако не се однесуваат на конкретната индустрија.
Во „меки“ вештини спаѓаат: комуникациски вештини, организациски вештини, ориентираност кон детали, решавање на проблеми, тимска работа, креативност, флексибилност итн.
Доколку немате претходно работно искуство можете да наведете проекти кои сте ги завршиле, а притоа сте стекнале некои од овие вештини.
5. Бидете прецизни за вашата мотивација
Без работно односно релевантно искуство за позицијата за која аплицирате, работодавачот би сакал да биде сигурен дека навистина сте заинтересирани за работата а не само за финансискиот надомест. Дури и ако привлечниот финансиски надомест е вашиот примарен мотиватор, треба да бидете подготвени да објасните зошто баш таа работна позиција/ промена на кариера ве привлекува.
Дури и да не сте доволно самоуверени дека одговарате на позицијата сепак аплицирајте. Преку аплицирање ја отворате можноста да ја добиете работата или можеби дури и да дознаете дека сте најдобриот кандидат за истата.
Доколку пак, се најдете во ситуација да сте често повикувани на интервју, но не ја добивате работата би можеле да пробате да го контактирате интервјуерот преку пријателски но сепак професионален емаил и да побарате фидбек за вашата апликација. Ова ќе ви даде увид на тоа што би требало да промените во резимето или во целокупното претставување на интервју со цел да ја добиете следната позиција која ја посакувате.