Како да одговорите на прашањето „Кажете ми нешто повеќе за себе“ на интервју за работа?
„Кажете ми нешто повеќе за себе“ може да изгледа како лесно прашање за на интервју, а честопати е првото нешто што лицето кое ве интервјуира ќе ве праша - без разлика дали имате прелиминарен видео повик, разговарате со вашиот потенцијален претпоставен или седите со извршниот директор на последниот круг од интервјуата.
Но, одговарањето на ова прашање во контекст на интервју за работа може да ве направи да се чувствувате под стрес. Можеби ќе се збуните како да одговорите на ова прашање бидејќи некогаш е тешко да зборувате за себе без никакви насоки.
За среќа, да зборувате самоуверено за вашите успеси може да биде многу полесно кога вашите одговори имаат добра структура. Во продолжение ќе ви ги дадеме нашите најдобри совети за добар одговор на ова прашање.
Зошто лицата кои ве интервјуираат го поставуваат ова прашање?
Интервјуата за работа се дизајнирани со цел подобро да го запознаат потенцијалниот кандидат. Лицата кои ве интервјуираат го поставуваат ова прашање како појдовна точка да преминат од обичен разговор кон потехничките прашања за на интервју. Тоа му овозможува на интервјуерот да слушне резиме на вашето искуство и вештини, давајќи му увид во искуството и квалификациите што мислите дека се најрелевантни за позицијата за која интервјуирате.
Интервјуерот сака да процени дали сте способни да комуницирате јасно и професионално и дека вие, кандидатот може да одговори на прашањето на природен начин што покажува дека е подготвен и дека интервјуто му е важно. Со добро одговарање на ова прашање, се прикажувате како некој кој е самоуверен, добар под притисок и внимателен на квалификациите на позицијата, а тоа може да ви помогне да се истакнете на интервју за работа.
Како да одговорите на прашањето „кажете ми нешто повеќе за себе“?
Постојат многу различни начини и стратегии за да го одговорите ова прашање. Начинот на кој ќе изберете да го структуирате одговорот може многу да зависи од претходно искуство. Еден штотуку дипломиран кандидат ќе има многу поинаков одговор од директор кој е вработен со децении.
Иако е важно да го подготвите вашиот одговор, треба да оставите и простор за спонтаност и да се погрижите истиот да не звучи премногу извежбано.
Најважно е да не заборавите да го поврзете одговорот со конкретната работа и компанија. Одговорот треба да го натера лицето што ве интервјуира да помисли дека сте заинтересирани за позицијата за која аплицирате.
4 Совети како подобро да одговорите на ова прашање
Како ќе одговорите на прашањето „Кажете ми нешто повеќе за себе“ може да го постави тонот за остатокот од интервјуто. Во вашиот одговор, направете го следново:
1. Споменете ги искуствата и успесите кои се поврзани со работата за која аплицирате
Започнете со препрочитување на описот на работата. Забележете ги вашите потребни вештини и размислете во кои неодамнешни активности сте ги употребиле истите. Идеално, најдобро би било да се фокусирате на најскорешното професионално искуство, но и волонтерската работа исто така може да го поддржи вашиот наратив дека сте посветени на вашата заедница, како што би биле и на компанијата.
2. Размислете како вашата моментална работа е поврзана со работата за која аплицирате
Дали аплицирате за сениорска позиција за истата работа? Ако е така, тогаш објаснете дека преземате повеќе одговорности на вашата моментална позиција. Ако правите транзиција кон позиција со различни вештини, опишете како вашите постоечки вештини можат да се искористат во новата позиција.
3. Даjте краток увид во вашиот карактер
Бидејќи прашањето „Кажете ми нешто повеќе за себе“ е прашање за подобро запознавање на кандидатот, добра идеја би било да споделите дел од вашиот карактер со лицето кое ве интервјуира - но не и личните детали. Можеби ќе сакате накратко да ги спомнете вашите хобија кои покажуваат интелектуален развој и/или учествување во заедницата (на пр. читање, музика, тимски спортови, волонтирање) или оние кои покажуваат лична дисциплина и достигнувања (на пр. учење нова вештина, подготовка за полумаратон) . Дискутирањето за личните интереси е добар начин да го заокружите вашиот одговор а истовремено да одржите професионален „тон“.
4. Формулирајте го вашиот одговор
За вашиот одговор да биде јасен и концизен, подобро е да го организирате според формат или формула. Постојат две вообичаени формули што може да ги земете во предвид:
- Сегашност, минато и иднина
- Минато, сегашност и иднина
И двете од овие формули подеднакво се добри, но можете да изберете една врз основа на улогите од вашето искуство кои се најрелевантни за позицијата што ја барате. На пример, ако вашата најнова улога нагласува многу од вештините и квалификациите потребни за улогата што ја барате, можеби ќе сакате да водите со сегашноста. Меѓутоа, ако правите транзиција во кариерата и вашето минато искуство е потесно поврзано со улогата отколку со вашата моментална позиција, можеби ќе сакате да започнете со вашето минато.
Колку долг треба да биде вашиот одговор?
Запомнете дека лицата што ве интервјуираат сакаат да дознаат повеќе за вашето работно искуство и вашата личност. Одговорот на ова прашање во неколку реченици може да изгледа незадоволително, а зборувањето десет минути е црвено знаменце што дефинитивно не треба да го правите на интервјуа.
Обидете се одговорот да биде од една до три минути. Гледајте го говорот на телото на лицето што ве интервјуира и слободно зборувајте повеќе за оние делови од вашиот одговор за кои изгледаат заинтресирано.
Да знаете како да се претставите на интервју бара подготовка. Со добра подготовка и вежбање на вашиот одговор однапред, ќе знаете точно што да кажете за да оставите добар прв впечаток. Ќе дадете концизен и позитивен одговор кој ќе му каже на вашиот потенцијален работодавец зошто ја заслужувате работата и зошто добро би се вклопиле во компанијата.