Подготовка за онлајн интервјуа: Како да оставите најдобар впечаток?
Во ова наше дигитално време, онлајн интервјуата станаа секојдневие. Со цел да се прилагодат на новите стандарди за работа на далечина или едноставно да заштедат време, компаниите се повеќе се насочија кон виртуелни разговори за селекција на кандидати. Поради тоа, важно е да се подготвиме соодветно за ваквиот формат на интервју за работа. Овде ви нудиме неколку совети коишто ќе ви помогнат да оставите позитивен и професионален впечаток на потенцијалниот работодавач.
1. Истражете ја компанијата и позицијата
Пред интервјуто, најдете колку што можете повеќе информации за компанијата. Погледнете ја нивната веб-страница, социјалните мрежи и мисијата на компанијата.
Познавањето на нивната визија и култура ќе ви помогне да го покажете вашиот интерес и да ги поврзете вашите вештини со потребите на позицијата.
2. Прилагодете ја вашата биографија
Вашата биографија треба да биде во краток и јасен формат којшто ќе ги истакне вашите искуства. Внесете примери од ваши досегашни проекти или достигнувања што го покажуваат вашиот професионализам и соодветност за позицијата за којашто аплицирате.
3. Обезбедете соодветни услови за онлајн интервју
За да се покажете во позитивно светло пред работодавачот многу е важно да ја проверите техничката опрема потребна за онлајн интервју, како и просторијата во која ќе престојувате во текот на интервјуто. Проверете дали се функционира беспрекорно, особено следниве работи:
- Интернет конекција: Тестирајте дали интернет врската е стабилна.
- Камера и микрофон: Проверете дали вашата камера и микрофон работат правилно.
- Софтвер за интервју: Ако компанијата користи некоја конкретна платформа на која ќе се изврши интервјуто, инсталирајте ја и проверете ја однапред.
Вашата соба или просторија во која ќе ја одберете да престојувате во текот на интервјуто игра голема улога во тоа да оставите добар впечаток на потенцијалниот работодавач: - Осветлување: Гледајте светлото во просторијата да биде природно, по можност да доаѓа од прозорецот или да биде рамномерно.
- Позадина: Изберете чиста, професионална позадина којашто нема да одвлекува внимание од вас. Најдобро би било да седнете пред чист бел ѕид којшто нема никакви елементи.
- Изолирајте ги потенцијалните пречки: Проверете дали има некаква внатрешна или надворешна врева којашто ќе пречи во текот на разоговорот.
Секакви надворешни звуци можат да ве деконцентрираат или пак да придонесат до тоа да не ве слушнат добро што може да го загрози вашето интервју.
4. Изгледајте професионално
Изберете облека што одговара на позицијата и компанијата. Иако сте дома, професионалниот изглед ќе ве прикаже во добро светло и ќе покаже дека сте сериозно заинтересирани за работната позиција и дека ја цените можноста што ви е пружена.
5. Подгответе прашања за интервјуто
Секое интервју е и ваша можност да дознаете повеќе за позицијата и компанијата. Подгответе соодветни прашања за културата, работниот тим и идните цели на компанијата. Тоа ќе ви помогне да дознаете повеќе за местото во кое што сакате да работите, а и ќе му покаже на потенцијалниот работодавач дека навистина сте истражувале за работната позиција и би сакале да бидете дел од нивниот тим.
6. Техники за контрола на нервозата
Слично како и интервјуата во живо, онлајн интервјуата можат исто така да бидат стресни, па затоа следете ги следниве чекори за да се смирите:
- Дишете длабоко: Овој начин на дишење може да ја намали тремата и да ве опушти.
- Медитација и релаксација: Неколку минути релаксација пред интервјуто можат да го намалат стресот.
- Фокусирајте се на позитивни работи: Потсетете се на вашите постигнувања, успеси и позитивни карактеристики за да ја зголемите самодовербата.
Подготовката за онлајн интервју е од огромно значење за да го оставите најдобриот можен впечаток. Oвие совети можат да ви помогнат да ја зголемите вашата самодоверба како и да ја зголемите шансата за успех. Со позитивен став и добра подготовка, секој онлајн разговор може да биде чекор поблиску до посакуваната работна позиција и успешна кариера.