Како да напишете идеален оглас за работа кој ќе ги привлече најдобрите кандидати?
Вашата компанија има потреба од нови вработени и потребно е да објавите оглас кој ќе ги привлече најдобрите кандидати за вас. Веќе ви е познато дека огласот е првата слика која кандидатот ја добива за вашата компанија, а тоа значи дека истиот треба да ја претстави компанијата и она што нуди во најдобро светло.
При пишувањето на огласот за работа мора да се запомни дека оглас за работа не е исто што и опис на работно место. Огласот за работа треба да биде структуриран да привлече нови кандидати, најдобрите за бараната позиција. Oписот на работното место, пак, е за внатрешна употреба каде сите обврски и очекувања од работното место и кандидатот се детално објаснети.
Како да креирате добар оглас за работа?
За да подготвите еден идеален оглас за работа потребно е да имате јасна слика за задачите и обврските кои ги носи работната позиција. Оттука произлегува и прашањето “Што треба идеалниот кандидат да поседува за добро да ја работи работата?“ Поставете си ги следниве прашања:
- Кои вештини се потребни?
- Кои лични карактеристики на кандидатот би биле корисни за позицијата?
- Дали претходно работно искуство би било неопходно?
- Дали позицијата одговара за почетник или е пожелно некакво искуство?
По одредувањето на карактеристиките потребно е да се подредат и по важност. Иако најчесто нема да се најдат сите карактеристики кај еден кандидат, рангирањето овозможува да се одреди кои карактеристики се најпотребни за позицијата.
Како да структурирате оглас за работа?
Традиционалниот формат за оглас за работа е следниот:
- Наслов на работната позиција
- Плата
- Локација
- Запознавање со дејноста на вашата компанија
- Работна позиција и обврски
- Клучни карактеристики на кандидатот - потребни вештини и квалификации
Иако нема правило кое налага вака да се структурира еден оглас, сепак ова е корисен начин кандидатот да ги види сите компоненти на работната позиција на едно место.
1. Наслов на работната позиција
Внимавајте насловот да биде јасен, прецизен и во согласност со она што го бара самата работна позиција. Исто така, добро е да вклучите зборови кои ќе се појавуваат веднаш кога кандидатот ќе пребарува работни позиции.
2. Плата
Многу експерти за човечки ресурси сметаат дека во секој оглас за работа би требало да е наведен износот на платата. Според нив, ова е важно од неколку причини:
- Заштедува време на непотребно преговарање со кандидатот за неговите очекувања за платата и дали тоа се вклопува во вашиот буџет;
- Од гледна точка на кандидатот, вклучување на износот на платата нуди јасна слика за компанијата. На тој начин може да се избегне нетранспарентниот процес на апликација кој многу често е фрустрирачки за кандидатот.
3. Локација
Наведете ја локацијата на работното место - град и адреса. Исто така наведете ако позицијата може да извршува со работа од далечина, или со т.н. хибриден модел на работа - комбинација од работа од канцеларија и од далечина. Оваа информација ќе ви помогне при елиминацијата на кандидатите коишто не би прифатиле работа од далечина, бидејќи тие не би ни аплицирале за работната позиција со такви услови.
4. Запознавање со дејноста на вашата компанија
Што е она што би било примамливо за потенцијалните кандидати да работат работи за вас? Што би било добра прилика за нив? Зошто идеалниот кандидат би требало да аплицира на вашиот оглас кога има многу други огласи од други компании?
Секоја компанија е уникатна сама по себе, па би било добро да напишете неколку атрактивни информации за компанијата и нејзината дејност кои ќе остават одличен впечаток кај кандидатите. Со тоа, сите кандидати што ќе го погледнат огласот ќе дознаат повеќе за вашата компанија, што би значело и добра реклама за неа.
5. Улога и обврски
Овој дел е најважен во секој оглас за работа, па треба да се неведат најмногу информации. На пример, позицијата “Раководител на маркетинг“ не објаснува што точно таа вклучува и што кандидатот ќе работи од 9 до 17ч од понеделник до петок. Исто така, обврските за истата работна позиција во една компанија може да се различни од оние во друга компанија.
Пред да аплицира, секој кандидат очекува да биде информиран за идните работни обврски и задачи, но и какви се можностите за неговиот професионален и личен во таа компанија. Затоа, конкретните обврски и задачи треба да бидат јасно и прецизно претставени.
6. Клучни карактеристики на кандидатот
Во овој дел се наведуваат сите потребни квалификации и вештини кои идеалниот кандидат треба да ги поседува за позицијата. Секој кандидат кој ќе одлучи да аплицира на вашиот оглас очекува да биде повикан на интервју, затоа е многу важно да бидете јасни и прецизни кои квалификации и вештини се потребни кандидатот да ги поседува - степенот на образование, дали е потребно претходно искуство, кои лични карактеристики се важни за позицијата.
Важен дел од огласот е и да се наведе датум до кој истиот ќе биде активен за кандидатот да знае до кога може да ја поднесе својата апликација. Исто така, треба да се наведе и начинот за аплицирање на огласот - дали ќе оставите ваша емаил адреса или кандидатите ќе аплицираат преку веб страната каде што е објавен огласот.
Што треба да избегнувате при пишување на оглас?
- Непотребен жаргон. Употребата на жаргон, популарни фрази или акроними всушност може да има негативен ефект врз бројот на апликации. Наместо тоа, користете јасни и прецизни клучни зборови.
- Изоставање на клучни информации. Не ги запоставувајте клучните информации. Вклучувајќи ги насловот на позицијата, локацијата и платата во огласот полесно ќе добиете релевантни апликации како и зголемено присуство на Google.
- Правописни и граматички грешки. Ваквите грешки во оглас за работа прават ве прикажуваат како неуредни и непрофесионални. Проверете го и препрочитајте го огласот неколку пати, побарајте и некој друг да го прочита и провери пред да го објавите.
- Игнорирање на структурата. Не би сакале вашиот оглас да изгледа како обичен текст кој ќе биде тежок за читање и ќе ги одбива кандидатите. Користете помали параграфи како и потточки за да се одделат различните делови и да се добие јасна и прецизна претстава за тоа што се бара во огласот.
Процесот на вработување започнува со огласот за работа и постои голем ризик да се наштети на брендот на компанијата ако огласот не е добро составен.
Следењето на оваа едноставна структура како и вклучувањето на сите релевантни информации ќе ви заштеди многу време и ресурси и секако ќе го зголеми бројот на потенцијални кандидати за вашата работна позиција. Тоа ќе ви овозможи полесно да го одберете најдобриот кандидат од многуте квалификувани кандидати кои ќе аплицираат на објавениот оглас.